Пребарување
Сите категории
    Menu Close
    Назад кон сите

    Анемија

    Анемија

    Што е анемија?

    Анемија е состојба при која бројот на црвените крвни клетки или концентрацијата на хемоглобин се пониски од референтните вредности ( за мажи 13,5-17,5 g/dL,  за жени 12,0-15,55 g/dL). Хемоглобинот е неопходен за доставување на кислород до клетките, па доколку имате премалку или абнормални црвени крвни клетки или недоволно хемоглобин, ќе биде намален капацитот на крвта за доставување на кислород  до ткивата.

    Ова резултира со симптоми, како: замор, слабост, вртоглавици, главоболка, отежнато дишење, бледа  боја на кожата. Оптималната концентрација на хемоглобин потребна за задоволување на физиолошките потреби варира според возраста, полот, надморската височина на место на живеење, навиките за пушење и физиолошки состојби, како бременост.

    Анемијата е сериозен глобален јавен здравствен проблем кој особено ги погодува малите деца и бремените жени. СЗО проценува дека 42% од децата помали од 5 години и 40% од бремените жени ширум светот се анемични.

    Децата и бремените жени се особено ранливa група, Преваленцата на анемија останува висока на глобално ниво, особено во услови со ниски примања, каде значителен дел од мали деца и жени на репродуктивна возраст може да се претпостави дека се анемични. Исто така, се покажало дека анемијата со дефицит на железо влијае на когнитивниот и физичкиот развој кај децата и ја намалува продуктивноста кај возрасните.

    Анемијата е индикатор и за лошата исхрана и за лошото здравје. Може да влијае и на други глобални нутриционистички проблеми како што се застој и слабеење, мала тежина при раѓање и прекумерна тежина и дебелина кај децата поради недостаток на енергија за вежбање Училишните перформанси кај децата и намалената продуктивност на работата кај возрасните поради анемија може да имаат понатамошни социјални и економски влијанија врз поединецот и семејството.

    Причини за појава на анемија

    Анемијата се развива преку три главни механизми: неефикасна еритропоеза (кога телото создава премалку црвени крвни клетки), хемолиза (кога се уништуваат црвените крвни клетки) и загуба на крв. Се смета дека недостаток на железо е најчеста причина за анемија на глобално ниво, но и други недостатоци во исхраната (вклучувајќи фолати, витамин Б12 и витамин А), акутно и хронично воспаление, паразитски инфекции и наследни или стекнати нарушувања кои влијаат на синтезата на хемоглобин, производството или преживувањето на црвените крвни клетки, сите може да предизвикаат анемија.

    Класификација на анемии

    Анемиите често се класифицирани според нивната причини за настанување (на пр. хранливи анемии или хемолитички анемии), но исто така може да се разликуваат по големината, обликот и бојата на црвените крвни клетки. На пример, кај микроцитни анемии (како анемија со дефицит на железо) количината на хемоглобин во секоја црвена крвна клетка е намалена и клетките се помали од нормалните. Анемијата со дефицит на железо е исто така класифицирана како хипохромна, бидејќи  црвените крвни клетки имаат помалку црвена боја. Мегалобластна анемија (црвените крвни клетки се поголеми од нормалните) е карактеристика на недостатоци на фолати или витамини Б12.

    Начин на исхрана при анемија

    Додека анемијата со дефицит на железо е најчеста форма и е релативно лесна за лекување преку промени во исхраната, другите форми на анемија бараат здравствени интервенции што може да бидат помалку достапни. Точното карактеризирање на анемијата е од клучно значење за да се разбере товарот и епидемиологијата на овој проблем, за планирање на јавно-здравствени интервенции и за клиничка нега на луѓето во текот на целиот живот.

    Несоодветниот внес на микроелементи во исхраната потребен за производство на црвени крвни клетки и хемоглобин е примарен пат што води до анемија. Додека недостаток на железо е водечки недостаток на хранливи материи што доведува до анемија, диетите кои имаат недостаток на еден микроелемент, исто така, веројатно ќе имаат недостаток на други микроелементи, кои исто така можат да придонесат за развој на анемија. „Стратегиите базирани на храна“ за спречување на анемија имаат за цел да ја зголемат достапноста и потрошувачката на нутриционистички соодветна диета богата со микроелементи составена од разновидна храна. Таквите стратегии имаат за цел зголемување на диеталната разновидност - т.е зголемување на разновидноста и видовите на конзумирана храна и подобрување на целогодишната достапност на храна богата со микроелементи - и подобрување на диетата преку подобрување на биорасположивоста на хранливите материи, преку вклучување на компоненти во исхраната што ја подобруваат  апсорпцијата или користење техники на подготовка, преработка или складирање кои го намалуваат влијанието на анти-хранливите фактори.

    Клучни активности и препораки за исхраната и подобрување на биорасположивоста на микроелементи

    • Зголемете го внесот на храна богата со железо, првенствено храна од животинско потекло, како што е месо (особено црвено месо), живина и риба, но и растително потекло  како мешунки.

    • Зголемете го внесот на храна богата со витамин А / каротеноид, како што е  зелен лиснат зеленчук, овошје и зеленчук со портокалово боја, млечни производи, јајца, црн дроб и рибини масла.

    • Додадете овошје и зеленчук богати со лимонска или аскорбинска киселина (на пример, агруми) за зголемување на апсорпцијата на не-хем железо. Витаминот Ц се деградира со готвење, па затоа треба да се префира внес на непреработено  овошје и зеленчук, кои такви имаат висока содржина на витамин Ц.

    • Избегнување на намирници кои се познати инхибитори на апсорпцијата на железо, на пример:

    • одделете пиење чај и кафе од времето на оброк; да има разлика од  1-2 часа после внес на оброк
    • консумирајте млечни производи (млеко, сирење и друга храна направена од млеко) како ужинка, не во време на оброк.

    Референци

    World Health Organization. [Online]
    Available at: https://www.who.int/health-topics/anaemia#tab=tab_1
    [Accessed 27 09 2020].

    Коментари
    Оставете коментар Затвори