Пребарување
Сите категории
    Menu Close
    Назад кон сите

    Анксиозност и стрес

    Анксиозност и стрес

    Што е анксиозност?

    Анксиозност претставува емоција која се опишува како непријатна состојба на внатрешни бурни промени, често придружена со нервозно однесување кое се забележува и во движењето и во однесувањето на личноста.  Чувството на нелагодност и грижа е во врска со ситуацијата или настанот, кои се субјективно битни за личноста, а од околината може да се смета за тривијална.  Анксиозноста е тесно поврзана со стравот и во оваа смисла се опишува како очекување на идна опасност. Освен овој умствен аспект, анксиозноста често се карактеризира и со телесни симптоми како: мускулна тензија, немир, срцебиење, потење, ладни дланки, дигестивни симптоми и отежнато дишење.

    Какви типови на анксиозни растројства има?

    Генетската склоност на поединецот е предуслов за развој на анксиозно растројство која делува во комбинација со фактори од животната средина, како психолошкиот стрес и животните настани кои влијаат на психата на една индивидуа. Стресните ситуации поврзани со секојдневниот живот и работните активности се сѐ почеста појава која доаѓа со брзиот начин на живот. Иако скоро секој доживеал минлива анксиозност и страв, често предизвикана од стрес, предуслов за дијагностицирање на анксиозно растројтво е симптомите да се присутни подолг временски период.

    Анксиозни растројства се: генерализирана анксиозност, специфични фобии, агорафобија, социјална анксиозност и панично растројство.

    Генерализираното анксиозно растројство се карактеризира со зголемена грижа, напнатост, намален фокус, брзи мисли. како и физички симптоми  кои постојат подолг временски период. За дијагностицирање на генерализирано анксиозно растројство симптомите треба да се присутни поголем број од деновите во период од 6 месеци. Агорафобија претставува страв од непосредната околина (пр. затворен или тесен простор, излегување надвор од домот). Паничното растројство, пак, се карактеризира со напади на прекумерно голем страв и очекување дека ќе се случи нешто лошо и телесни симптоми поврзани со активирање на симпатичкиот нервен систем (забрзано и отежнато дишење, забрзана работа на срцето, потење, стегање на мускулите и тресење).

    Начини на  третирање на анксиозност

    Стресните ситуации се сѐ почеста појава во општеството, а анксиозните растројства се едни од најчестите психијатриски заболувања. Менаџментот на состојбата и подигнувањето на свесноста, за тоа што претставува таа, има значајна улога во однос на подобрување на квалитетот на животот на поединците.

    Опциите за третман на анксиозното растројство вклучуваат: промени во животниот стил, медикаментозна терапија, како и когнитивно-бихевиорална терапија и медитација. Промените во животниот стил вклучуваат: физичка активност, подобрување на редовноста и времетраењето на сонот, намалување на внесот на кофеин и прекинување со пушење. Висококалоричната исхрана која изобилува со шеќери и заситени масти, а содржи малку протеини, витамини, минерали и одредени растителни компоненти има голем удел во појавата и развојот на анксиозност. Медикаментозната терапија вклучува антидепресиви и анксиолитици, одкои лек од избор се селективните инхибитори на повторното преземање на серотонин (SSRI).

    Исто така, забележани се и придобивки од суплементацијата со одредени витамини, минерали, омега-3 масни киселини и хербални препарати. Додатоци во исхрана кои се безбедни и ветувачки во третманот на анксиозност се: витамин D, витамин B12 (или B-комплекс витамини), магнезиум, L-теанин (аминокиселина која се содржи во црниот и во зелениот чај), омега 3 масни киселини,валеријана, камилица, лаванда и маточина. Постои поврзаност помеѓу концентрацијата на витамин D во организмот и анксиозноста, па изложувањето на сонце или суплементација со цел да се превенира или корегира дефицит на витамин D е оправдано, имајќи во предвид дека храната во нашето поднебје не изобилува со витамин D. Витамин B12, пак, воглавно се содржи во храна од животинско потекло и неговата суплементација е оправдана кај вегетаријанци. Лавандата, маточината и мелисата освен во форма на чаеви, постојат на пазарот и во форма на таблети или капсули.

    Референци

    Mayo Clinic

    Available at:  https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/generalized-anxiety-disorder/symptoms-causes/syc-20360803.
    [Accessed 03 October 2020].

    Коментари
    Оставете коментар Затвори