Пребарување
Сите категории
    Menu Close
    Назад кон сите

    Остеопороза

    Остеопороза

    Остеопорозата е болест која погодува милиони луѓе ширум светот, се развива многу бавно и се карактеризира со мала коскена маса и коскено ткиво, што доведува до слабеење и кршливост на коските, како и последователно зголемување на ризикот од фрактура. Фрактурите на коските, особено во ‘рбетот или колкот, се најсериозните компликации на остеопорозата. Како што стареат луѓето, коскената маса се губи побрзо отколку што се создава. Колку веројатно е да се појави остеопороза, делумно зависи од тоа колкава количина на коскена маса сте стекнале во младоста. Врвната коскена маса е нешто наследно и варира исто така по етичка група.

    Остеопенија

    Фазата пред остеопороза се нарекува остеопенија. Ова е кога скенирањето на коскената густина покажува дека имате помала густина на коските од просекот за вашата возраст, но не доволно ниска за да се класифицира како остеопороза. Остеопенијата, не секогаш доведува до остеопороза, тоа зависи од многу фактори.

    Типично нема симптоми во раните фази на губење на коските. Но, откако ќе ослабнат коските, можат да се појават знаци кои вклучуваат: болки во грбот, губење на висината со текот на времето, наведната поза на телото, коска што се крши многу полесно отколку што се очекува.

    Причини - ризик фактори

    Некои фактори на ризик за остеопороза се надвор од ваша контрола, вклучително:

    o   Пол - жените имаат поголема веројатност да развијат остеопороза отколку мажите. Сепак, остеопорозата може да влијае и на мажи, помлади жени и децa

    o   Возраст - колку повеќе стареете , толку поголем е ризикот од остеопороза

    o   Раса - (остеопорозата ги погодува мажите и жените од сите раси. Но, белите и азијките, се изложени на најголем ризик)

    o   Семејна историја - доколку некој од семеството имал остеопороза или скршил колк

    o   Мажите и жените кои имаат мала површина на телото имаат поголем ризик, затоа што може да имаат помалку коскена маса за да искористат како што стареат.

    o   Хормони: полови хормони – намалени нивоа на сексуални хормони имаат тенденција да ја ослабнат коската, како на пример: намалувањето на естроген кај жените во менопауза, постепено намалување на нивото на тестостерон кај мажите како што стареат. Еден од најсилните фактори за остеопороза се третманите за карцином на простата кои го намалуваат нивото на тестостерон кај мажите и го забрзуваат губењето на коските, исто како и лекови кои што се користат за карцином на дојка кај жените

    o   Проблеми со тироидна жлезда- Покачено ниво на хормоните на тироидната жлезда може да предизвика губење на коските. Остеопорозата е исто така поврзана со хиперреактивни паратироидни и надбубрежни жлезди.

    o   Употреба на  стероидни таблети во високи дози повеќе од 3 месеци, други медицински состојби како што се воспалителни состојби, проблеми поврзани со малапсорпција, намален внес на калциум, долготрајна употреба на лекови кои што можат да влијаат на јачината на коските или нивото на хормоните, намалена физичка активност, пушење цигари и конзумирање алкохол повеќе од 3 чаши дневно.

     

    Превентива

    Диетата има умерена улога во превентива на остеопорозата, но калциумот и витаминот Д се особено важни, барем кај постарата популација. Калциумот е еден од главните минерали кој е неопходен за постигнување доволна коскена маса и одржување на здравјето на коските. Витаминот Д e составен дел во апсорпцијата на калциум. Калциумот е достапен во неколку форми: калциум карбонат (40% елементарен калциум), и калциум цитрат (21% елементарен калциум). Сепак при изборот на калциум треба да се земат во предвид и други фактори (кои други лекови се употребуваат, како и целокупната здравствена состојба).

    o   Калциум карбонат- најдобро е да се зема со храна, потребна е кисела средина за апсорпција). Калциум цитрат полесно се апсорбира. Постарите, над 50год. треба да имаат внес на калциум од 1200mg дневно.

    o   Витамин Д- се препорачува возрасните од 51-70 години, да добиваат витамин Д 600-800I.U,а после 70-тата год. 800--1000 I.U на витамин Д секој ден од сите извори, вклучувајќи исхрана или додатоци.

    o   Дополнителни хранливи материи и диететски фактори кои можат да бидат важни за долгорочно здравје на коските се: цинк, бакар, манган, бор, витамин А, витамин Ц, Витамин К, витамин Б, калиум и натриум, како и храна богата со калциум (млеко, јајца, сирење, брокула, соја) и витамин Д (жолчки од јајца, солена водена риба и црн дроб).

    Препораки

    o   Да се избегнуваат лекови или намирници кои ја намалуваат  апсорпцијата на калциум:   истовремена употреба на инхибитори на протонска пумпа, лаксативи со влакна, внес на кофеин (да се намали внесот на кафе на 1-2 чаши во денот), бидејќи ја зголемува екскрецијата на калциум преку урина.

    o   Храна богата со оксалатна киселина (спанаќ) и фитинска к-на (трици и цели зрна) , ја намалуваат неговата апсорпција. Препорачливо е да се земе калциум, 2 часа пред или после употреба на оваа храна.

    o   Да се намали внесот на цигари и алкохол .

    o   Да се зголеми физичката активност – тоа е неопходно за одржување на здрави и цврсти коски, а со тоа би се намалило губење на коскената маса. Да се комбинираат вежби кои помагаат за зајакнување на мускулите и коските во рацете и горниот дел на ‘рбетот и вежби за носење тежина, како пешачење, трчање, качување по скали, скијање-кои  главно влијаат на коските на нозете, колковите и долниот дел на ‘рбетот. Вежбите за рамнотежа, како што е таи-чи, можат да го намалат ризикот од пад,особено кај постарата популација.

    Референци

    Mayo Clinic

    Available at: https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/osteoporosis/symptoms-causes/syc-20351968
    [Accessed 04 October 2020].

    World Health Organization
    Available at: https://www.who.int/nutrition/topics/5_population_nutrient/en/index25.html
    [Accessed 05 October 2020].

    Коментари
    Оставете коментар Затвори